Abstract: | Вовед
Живееме во граѓанско, демократско општество чија основа е автономијата на единката и нејзините слободи и права. Слободите и правата му овозможуваат на секој граѓанин еднаквост со другите сограѓани и активна улога во политичкиот живот, од една, а му создаваат одговорност кон себе, кон другите и кон политичката средина, од друга страна. Да се биде граѓанин значи да се биде одговорен човек кој ужива права и слободи. Во такво граѓанско општество има владеење на правото, кое на слободите и правата им дава примарен карактер и својство на ограничување на државната власт. Од тука, се гледа дека слободите и правата не се производ на државата, туку природна категорија на човекот како слободно и рамноправно суштество. Човекот поседува одредени права, со самиот факт дека е човек. Тргнувајќи од фактот дека и жените се човечки суштества укажува на тоа дека и тие ги уживаат истите права. Способноста на жените целосно да ги остварат своите човекови права и целосно да учествуваат на пример во политичкиот живот, вклучително и во изборниот процес, зависи од социјалното опкружување во земјата. Како основа за подобро разбирање на улогата на жените во изборниот процес може да послужи една анализа на местото и улогата на жените во општеството во целина, како и анализа на постоењето на какви било бариери за унапредување на положбата на жените. Во општествата каде жените, општо земено, се наоѓаат во нееднаква положба, во поглед на нивните права, во економијата, образованието или други области, поверојатно е жените, исто така, да се наоѓаат во неповолна положба и во поглед на нивните изборни права и политичко учество. Положбата на жената во општеството од времето на Клара Цеткин, па до денес, навистина е променета во позитивна смисла. Денеска веќе во поголемиот дел од светот можеме да кажеме дека половата рамноправност е реалност, барем во она што значи формално правен аспект. Во оваа магистерска работа акцентот е ставен на меѓународните стандарди за правата на жената, како и состојбата во Република Македонија во однос на тоа колку жените се запознаени со своите права, но претходно е направена една ретроспектива на правата на жената. |