Abstract: | Тој ден дознав дека дедо ми Аристид е пак жив. Тоа откритие, меѓутоа, не ме изненади, туку само бескрајно ме израдува.
Беше тоа спроти Велигден. Веќе подолго време деновите минуваа во чудно расположение. Баба ми се готвеше за празникот, како и секоја година, иако нешто поскромно, зашто тоа беше првиот Велигден што ќе го поминеме без дедо ми.
И тогаш се случи тоа, дедо ми повторно да се најде меѓу нас.
Токму некако во тоа време, се возев во еден голем и необично тивок англиски автобус. Со мене беше и баба ми, сета во црно, раскошна и уредена. На главата имаше мал, црн шешир со свилени рабови. Лицето и беше сериозно и мирно: необично потсетуваше на лицата на жените од старите грчки стели, за кои, велат, човек не знае дали се потажни или поведри. Молчеше и внимателно гледаше низ прозорецот. Една станица пред бабината куќа, во автобусот влезе вујко ми М. Не знам зошто, многу му се израдував. Во тоа време вујко ми беше особено нежен кон мене, а за себе некако тажен и замислен. |