Abstract: | Ние не се познаваме, ние сознавачите, самите себеси не се познаваме: има тоа своја добра причина. Никогаш себеси ние не сме се барале па, тогаш, како и би можело да се случи еден ден себеси да се пронајдеме! Со право е речено: "... каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце."1 А нашето богатство е таму каде што се пчелините кошници на нашето сознавање. Овие кошници се она кон што постојано итаме, налик на вистински крилести суштества и собирачи на духовен мед; има само една работа за која сериозно сесрдно се грижиме - нешто да „донесеме дома". А што се однесува до останатиот живот, до т.н. „доживувања" - кој од нас има доволна сериозност за тоа? Или кој има доволно време за тоа? Во таквите нешта, се плашам дека ние секогаш сме биле „со духот отсутни": не можеме да им го подариме своето срце - а ниту пак своето уво! Напротив, како некој божествено расеан и во себеси потонат човек, во чии уши само што одекнало ѕвоното означувајќи пладне со своите дванаесет тешки удари, одеднаш да се буди и прашува: „Колку тоа всушност часови отчука?", исто така и ние понекогаш отпосле ги триеме ушите и, во чудо и очигледно збунети, се прашуваме: „Што е всушност тоа што сме го доживеале?" И уште повеќе: „Кои сме всушност ние", и отпосле, како што реков, ги одбројуваме сите дванаесет треперливи отчукувања на часовникот, кои го прават нашето доживување, нашиот живот, нашето битие - и притоа, леле, грешиме во тоа броење... |