Abstract: | Општиот дел на граѓанското право, како правна гранка, е дел од граѓанското право како семејство од правни гранки. Ова семејство, покрај општиот дел на граѓанското право, го сочинуваат и правните гранки именувани како стварно право, облигационо право и наследно право. Стварното право, како објективно право, преставува систем на норми кои ги уредуваат оние општествени односи кои настануваат по повод власта на стварите. Облигационото право, како објективно право, го сочтуваат систем на норми со кои се уредуваат општествените односи кои настануваат по повод договарањето во прометот, како и поради причинување на евентуална штета. Наследното право претставува систем на норми кои уредуваат општествени односи кои настануваат по повод смртта на едно лице, при што доаѓа до преминување на неговиот имот - на наследниците. Трите правни гранки - стварното, облигационото и наследното право, како составни делови на граѓанското семејство, се поврзуваат меѓу себе преку оптиот дел на граѓанското право. Оваа правна гранка, според зборовите на познатиот германски правник Унгер, преставува „кормило на граѓанското право ", а правникот без него, е исто што и пилотот без компас. Имајќи го предвид значењето на општиот дел на граѓанското право, авторите во учебникот насловен „Општ дел на граѓанското право", на системски начин претставуваат претежен дел од институтите на општиот дел на граѓанското право. Овој учебник всушност претставува компилација од трите претходни монографски изданија: Општ дел на граѓанското право, Воведни теми (од д-р Родна Живковска, 2006); Општ дел на граѓанското право, Воведни теми 2 (од д-р Родна Живковска, 2007) и Општ дел на граѓанското право, Воведни теми 3 (од др Родна Живковска, во соработка со м-р Тина Пржеска, 2009). |