Abstract: | Промената на начинот на живеење и вклученоста на жената во целокупниот социо-економски и политички живот ја детерминираат и појавата на насилство врз жената најпрво во домот, на работното место, на улица преку многу физички насилства и силувања кои во последно време завземаат се поголемо место и создаваат страв кај припадниците на понежниот пол. Најпрво преку невладините организации од страна на женските друштва и асоцијации се отвори прашањето за постоење на овој вид на насилство, сакајќи да се разрешат многу актуелни проблеми кои на поинаков начин неможеше да се решат. Во Република Македонија за оваа сериозна појава се погласно почна да се размислува и да се разговара кон крајот на минатиот век. Стручните лица од повеќе области како психијатри, психолози, социолози, криминолози и други си поставија за цел конципирање и надминување на секој вид на разлика во меѓусебната комуникација (полова, верска, расна, социјална и др.). Истовремено ова значеше поместување на традиционалното затајување на прашањето за местото и улогата на жената, во однос на нејзината нерамноправна положба по повеќе прашања од доменот на семејното живеење, кои имаат правно, политичко, социјално, економско, културно, емоционално и друго значење за индивидуата и заедницата воопшто. Секако дека ова произлегува од сеуште присутните патријархални односи во кои за мажот е загарантирана супериорна положба, а за жената инфериорна положба како во општеството, така и во семејството како основна клетка на организирано живеење на луѓето. Фактот што насилството е различно дефинирано во неговото поимно значење, претставува доказ дека истото е многу широко распространето и дека навлегува во најтесните пори на општествениот живот во секоја средина на живеење во светот. |